Москва ги обвини САД за светските безбедносни кризи

Високи руски функционери ги обвинија Соединетите држави дека сакаат да воспостават политичка и воена доминација во светот. Според нив, Вашингтон и Западот ја сноселе главната одговорност за меѓународните безбедносни кризи, вклучувајќи го и конфликтот во источна Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги обвини Соединетите држави и нивните сојузници за обид да го зближат Киев кон Западот. Според него,  тоа е закана за Москва која била присилена да реагира.

„Соединетите држави и нивните најблиски сојузници ги минаа сите можни линии во обидот да го донесат Киев во нивна орбита. Тоа не можеше да остане без наша реакција“, изјави министерот Шојгу на годишната безбедносна конференција во Москва.

​„Некои земји кои се сметаат за победнички во Студената војна се обидуваат даја наметнат нивната волја врз други. Тие го толкуваат меѓународното право според нивна волја и користат двојни стандарди“.

Според него, Русија не може да егзистира во таков систем на односи.

Инаку, рускиот министер за одбрана Шојгу се обиде да ги отфрли западните критики дека Русија сака со сила да ги прекрои европските граници, укажувајќи на воената вмешаност на Западот во Србија, Ирак и Либија.