Москва ги оценува американските санкции за незаконски и штетни

Кремљ предупреди во саботата на продолжувањето на американските санкции против Русија, оценувајќи дека се незаконски и штетни, во периодот кога односите меѓу двете сили се на најниското ниво по завршувањето на блоковската Студена војна и во последно време добиваат воинствени тонови.

„Тоа прашање не ни е на дневниот ред. Како што рече претседателот (на Русија, Владимир Путин), никогаш не сме ги иницирале овие санкции. Ги сметаме за илегални и штетни не само за народите на двете земји, туку и за целиот свет“, порача портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

САД воведоа економски санкции против Русија откако домонантното руско и рускојазично население на црноморскиот полуостров Крим во мар 2014 година преку референдум безмалку стопроцентно изгласа враќање на автономијата укината од украинските власти во 1990-те и присоединување кон Руската Федерација. Тоа Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија. Покрај тоа меѓусебни се обвинувањата меѓу Вашингтон и Москва за иницирањето на вооружениот судир на југоистокот од Украина во мнозински руските региони, кој започна по наметнувањето на регионални челници од централната влада во Киев по превратот со кој беше соборен дотогашниот украински претседател Виктор Јанукович.

Москва на санкциите одговори со објавување на политиката на замена на увозот и ограничувања на извозот на производи од земји кон САД и земјите кои ги следеа. Покрај тоа, Русија истакна дека не е дел од конфликтот во Украина, како и дека населението на Крим на демократски начин и во согласност со повелбата на ОН гласаа на референдумот за повторно обединување со Русија во чиј состав полуостровот бил до 1950-те години, кога со указот на украинскиот советски челник Никита Хрушчов е припоен на Украина.

Санкциите во петокот беа продолжени за уште една година по налог на американскиот претседател Доналд Трамп.

Одлуката за американските санкции беше објавена ден по остриот говор на рускиот претседател Владимир Путин во парламентот, во кој го пофали како најсовремено и непобедливо новото руско оружје кое може да ги надмине американските системи за заштита од проектили. Изјавата на рускиот челник доаѓа во времето кога американските и НАТО силите последните неколку години се константно присутни на руските граници од сите правци.

Иако Путин рече дека „никому не му се заканува“, туку оти станува збор за оружје коешто треба да служи како средство за одвраќање од напади на рускиот интегритет и суверенитет, ова обраќање предизвика стравување од нова трка во вооружување меѓу двете сили во контекстот на заострените билатерални односи, по меѓусебните обвинувања за конфликтите во Украина и во Сирија, како и за наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година.