Москва го моли Киев да не користи сила против сопствениот народ

Украина продолжува грубо да ги крши човековите права, а тоа се случува со попустливост од страна на западните земји, наведува денеска руското Министерство за надворешни работи.

„Ги повикуваме фактичките власти во Киев итно да ја сопрат употребата на сила против сопствениот народ и да преземат конкретни чекори за почеток на примирјето,“ се наведува во соопштението.

„Осудата од страна на првите луѓе на ОН за човекови права поради насилство и самоволие во Украина потврдува дека нелигитмните киевски власти со попустливост на нивните западни спонзори, продолжуваат грубо да ги кршат општопризнатите норми за заштита на човекови права,“ пренесува агенцијата РИА Новости.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Нави Пилај вчера испрати соопштение во кое изразува длабока загриженост поради насилство во Украина, кое предизвика пораст на бројот на жртвите и штета. Посебна загриженост изрази по повод неодамнешната трагедија во Одеса.

Агенцијата Итар-Тас, повикувајќи се на податоци од градското собрание на Одеса, јавува дека во болниците има уште 62 лица, од кои 26 се во тешка состојба, по уличните судири на 2 мај.