Москва го обвини Вашингтон дека намерно го предизвикуваат Пјонгјанг

© Александр Щербак/ТАСС

Русија во четвртокот го отфрли повикот на САД да ги прекине трговските и дипломатските односи со Северна Кореја како казна за лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета и го обвини Вашингтон дека го порвоцираат Пјонгјанг.

„Нашето мислење е негативно: во повеќе наврти нагласивме дека притисокот со санкции е потрошен и дека сите тие резолуции со коишто се наметнати санкциите нужно подразбираат политички процес и повторно воспоставување преговори. Американците го занемаруваат ова барање, тоа е голема грешка“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пренесуваат светските агенции кои ги следат неговиот престој во белоруската престолнина Минск.

„Неодамнешните санкции на САД се чини дека намерно се насочени кон тоа да го испровоцираат Пјонгјанг на ненадејни акции. Се чини дека прават се’ за Ким Џонг-ун да го загуби трпението“, појасни Лавров.

„Американците мораат секому од нас да ни објаснат што се обидуваат да постигнат: доколку сакаат изговор за разорувањето на Северна Кореја, тогаш нека тоа дирекно биде кажано и нека тоа го потврди високата американска команда“, рече Лавров.

Откако Северна Кореја во средата повторно истрела интерконтинентална ракета, САД ги повикаа сите земји, меѓу нив и Кина, да ги прекинат сите дипломатски и трговски односи со Пјонгјанг.

Вашингтон, исто така, се закани дека „потполно ќе го уништи“ севернокорејскиот режим „во случај на војна“, како што тоа го соопшти американската амбасадорка при Обединетите нации, Ники Хејли, на состанокот на Советот за безбедност при ОН итно свикан по севернокорејското лансирање.

Северан Кореја истрела во средата нов тип интерконтинентален балистички проектил „Хвасонг-15“, кој падна во морето во јапонската ексклузивна економска зона по прелетани 1.000 километри. Американскиот министер за одбрана, Џим Матис, изјави дека овој проектил, за кој Пјонгјанг тврди дека може да понесе голема нуклеарна боева глава и да погоди цел на американскиот континент, достигнал најголема височина од сите досегашни севернокорејски лансирања.

САД, исто така, соопштија дека сакаат нови меѓунардони санкции. Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година пореди нејзините нулеарни и ракетни програми со кои ги крши меѓународните прописи.