петок, 18 август 2017  |  Вести денес: 67

Москва истражува четири можни причини за падот на воениот авион

Во авионот имаше 84 патници и осум членови на екипажот. Меѓу патниците беа и 64 членови на воениот ансамбл „Александров“, деветмина новинари и воени лица.

avion-moskva

Последни вести

Руските истражни власти разгледуваат четири можни причини за вчерашното уривање на воениот авион од типот Ту-154 во водите на Црното Море во близина на Сочи, при што загинаа сите 92 патници и членови на екипажот, јави „Раша Тудеј“.

Според руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), како можни причини за падот на авионот се разгледуваат упад на туѓ предмет во моторот, лош квалитет на горивото што довело да намалување на моќноста, грешка на пилотите или дефект на леталото.

ФСБ наведува дека нема докази оти леталото било цел на терористички напад или диверзија,

– Не се откриени никакви знаци или докази, кои би укажувале на можноста за терористички акт или за саботажа на авионот, се истакнува во соопштението на службата.

ФСБ наведува дека се пронајдени и очевидци на падот на авионот, како и аматераска видео снимка.

Претходно и рускиот министер за транспорт Максим Соколов изјави дека терористички напад не се разгледува како можна причина за падот на авионот.

Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека потрагата по телата на жртвите од авионската несреќа е проширена и дека таа се врши во три смени. Во потрагата се вклучени 3.500 луѓе во 200 различни тимови.

Авионот Ту-154 на Министерството за одбрана на Русија се урна вчера во 5.40 минути по московско време (3.40 часот по средноевропско време) набрзо по полетувањето од Сочи кон сириската воена база „Хмејмим“ кај Латакија, каде се стационирани руските сили вклучени во операциите во Сирија.

Во авионот имаше 84 патници и осум членови на екипажот. Меѓу патниците беа и 64 членови на воениот ансамбл „Александров“, деветмина новинари и воени лица.

Поради авионската несреќа денеска во Русија е ден на жалост.

Најчитани вести