Москва ќе одговори на новите американски санкции

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, само еден ден откако американскиот Конгрес усвои предлог-закон за дополнителни санкции кон Москва најави дека Русија ќе одговори на новите санкции.

– Нема сомнеж дека нема да можеме да останеме без одговор, изјави Рјабков, додавајќи дека ваквата одлука на Конгресот е резултат на се поголемото антируско расположение во САД, кое предизвикува загриженост во Москва.

Според него, усвојувањето на ваквиот закон во американскиот Конгрес претставува „уште една демонстрација на антрисуркото расположение“ и обид на Вашингтон „да диктира одлуки кои се категорично непрофатливи“ за Москва.

Со предлог-закон што синоќа го усвои американскиот Конгрес, покрај воведувањето на дополнителни економски санкции кон Русија, му се дава овластување на претседателот на САД, Барак Обама да испрати воена помош во Украина, вклучително и антитенковско оружје и муниција. Законот ќе стапи во сила кога ќе го потпише Обама.

Предлог-законот овозможува воведување санкции за големите руски компании, меѓу кои „Газпром“ и „Рособоронекспорт“. Обама ќе може да воведе санкции за „Газпром“ во случај ако компанијата ја намали дистрибуцијата на гас за земјите-членки на НАТО, но и за Украина, Грузија и Молдавија.