Москва пак против влезот на Македонија во НАТО

Односите меѓу Македонија и Русија ќе бидат значително нарушени по евентуалниот влез на земјава во НАТО што  ќе се одрази негативно по безбедноста на регионот, му порача рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко на македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов.

-Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи- гласи последната реченица од соопштението на руското министерство за надворешни работи од состанокот.

Нема објаснување кој бил поводот за состанокот, но Карајанов и Грушко, кој е поранешен руски амбасадор во НАТО, ја навеле потребата од продолжување на работата на Руско-Македонската меѓувладина комисија за трговија, економска, научна и технолошка соработка.

Руската официјална политика по вторпат во последниот месец отворено се спротивстави на можниот влез на Македонија во НАТО. Тогаш во интервју за српската агенција Бета, слични предупредувања испрати и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој тогаш рече дека „проширувањето на НАТО со Македонија е грешка и оцени дека проширувањето на НАТО претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.