Москва воведува продавници само за домашни производи

Градските власти на Москва би можеле да отворат продавници за продажба на исклучиво руски производи, со што би се замениле производите кои се забранети за увоз од САД и ЕУ и уште неколку земји, пишува денеска „Известија“.

„Во нашите супермаркети, уделот на увезени производи е висок. Увезуваме дури и компир и цвекло,“ изјави Владлен Максимов од државното одделение за трговија.

Тој додаде дека на продавниците ќе им биде потребно некое време да се прилагодат на новите услови и да склучат нови договори со добавувачите.

„Во секој случај на Москва и недостасуваат мали продавници и киосци кои продаваат само руски проиизводи,“ додаде Максимов, а пренесува Итар тас.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев вчера ја потпиша одлуката за едногодишна забрана на увоз на говедско, свинско и пилешко месо, млеко и риба од ЕУ, САД, Австралија Канада и Норвешка.

Забраната е воведена како одговор на санкциите кои против Русија ги воведоа САД, ЕУ, Канада и Јапонија.