Москва врзува бизнис со Техеран, Обама најавува нови санкции за Русија, Путин бара пари од Украина

Американскиот претседател Барак Обама, тврди дека е неопходно САД, ЕУ и другите земји партнери да воведат нови санкции за Русија, додека во истовреме, рускиот претседател Владимир Путин, испратил писмо до европските лидери оти ќе има последици по испораката на гас за Европа, бидејќи Русија ќе го сопре доставувањето за Украина, ако Киев не си го плати долгот кон „Газпром“.

И додека натегањата и препукувањата траат, Москва договара бизнис зделка со Техеран, вредна фантастични 20 милијарди долари.

Американскиот претседател Барак Обама ја потенцирал „неопходноста САД, ЕУ и другите земји партнери да се подготват да одговорат на руска ескалација“ во Украина со налагање на нови санкции, објавуваат светските новински агенции, пренесува Нетпрес.

Обама изјавил дека ситуацијата во источна Украина предизвикува вознемиреност, наведено било во соопштение објавено од Белата куќа, по разговорот на претседателот на САД со канцеларот на Германија, Ангела Меркел.

„Проруски сепаратисти, очигледно со поддршка од Москва, продолжуваат да водат организирана кампања на саботажи и провокации, со цел да се дестабилизира Украина. Лидерите на САД и на Германија повторно ја повикуваат Русија да ја повлече војската од границата со Украина“, било наведено во соопштението на Белата куќа.

obama-merkel

Според „Ројтерс“, САД ја обвинуваат Москва дека го користи природниот гас како инструмент за принуда во својот спор со Украина.

„Руската федерација не ја исполни двостраната спогодба со Украина, која предвидува доставка на природен гас во замена за давање под наем во период од 25 години, објекти на руската Црноморска флота. Ние ги осудуваме обидите на Русија да ја користи енергијата како инструмент за принуда против Украина“, изјавила портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Џенифер Псаки.

Таа додала дека САД ќе спроведат итни мерки за помош на Украина, меѓу кои и вонредно финансирање и техничка помош во сферата на енергетската сигурност и ефективност.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин, вчера ги информирал европските лидери за „критичната ситуација“ во врска со украинскиот огромен долг за гас, како и за евентуалните последици по транзитот на рускиот природен гас, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на инфромации публикувани од руската новинска агенција Итар-Тасс, пренесува Нетпрес.

Тој испратил писмо до сите европски лидери, во кое навел дека Русија ќе го сопре снабдувањето со гас на Украина, ако Киев не си го подмири долгот. Според Путин, таквата ситуација ќе доведе до намалување и на доставките на гас за Европа, цитиран од АФП.

VladimirPutin

„Путин го изрази своето крајно незадоволство во однос на кризната ситуација поврзана со украинскиот долг кон руската компанија ’Газпром’, како и во однос на последиците за доставките на руски гас“, изјавил Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател за новинската агенција РИА „Новости“.

„Писмото содржи детален опис на кризната ситуација, како и за можните тензии за транзитот на гас за Европа. Во него Путин „предлага да се преземат итни мерки, бидејќи моментната ситуација не трпи одлагања“, посочил песков.

„Околу 11,5 милијарди кубни метри природен гас, во вредност од 5,5 милијарди американски долари, треба да бидат наточени во украинските резервоари, за да се гарантира непрекината достава за Европа. Украинската економска криза, делумно предизвикана од трговскиот дисбаланс со Европа, ја ослабнала способноста на Киев да го плаќа рускиот гас“, навел Путин во писмото.

Според рускиот премиер Дмитирј Медведев, вкупниот долг на Украина кон Русија достигнув дури 16,6 милијарди американски долари.

Вчера, пак, Украина престана да ги полни подземните резервоари со руски гас, бидејќи неможе да ја плаќа цената од 485 долари за 1.000 кубни метри, определна од „Газпром“, а која важи од први април годинава.

Но, во целата ситуација Русија се сврте и кон економска соработка со Иран. „Ројтерс“ објави дека Иран и Русија успешно се движат кон склучување на зделка од типот „нафта за стоки“, во вредност од околу 20 милијарди долари.

Американскиот министер за финансии, Џејкоб Лу, го предупредил својот руски колега Антон Силуанов, дека евентуална зделка меѓу Москва и Техеран ќе значи нарушување на американските санкции и може да доведе до налагање на нови мерки против руски граѓани и организации.

Лу рекол дека зделката меѓу Русија и Иран би била противречна на спогодбата меѓу Иран и шесте светски сили, смеѓу кои и САД и Русија. Според таа спогодба, на Техеран му се ограничува нуклеарната програма, во замена за намалување на санкциите, сконцентрирани против приходите од иранската нафта.