МОСТ: Граѓаните да проверат дали ги има на избирачкиот список

Граѓанската асоцијација МОСТ во пресрет на претседателските избори денеска апелираше до граѓаните да проверат дали ги има на избирачкиот список.

„Проверката може да се изврши во подрачните одделенија на Државната изборна комисија или пак на интернет страницата http://izbirackispisok.gov.mk. На овој начин граѓаните ќе имаат можност да ги проверат своите лични податоци и во законски пропишаниот рок, до 7-ми март, да побараат промена на истите во Избирачкиот список, доколку за тоа има потреба. Промената може да се изврши во подрачните одделенија на Државната изборна комисија“, велат од МОСТ.

Согласно последните измени на Изборниот законик, според кои бројот на избирачи на едно избирачко место не може да надминува 1.000 гласачи, се формираат нови 504 избирачки места кои се додаваат на веќе постоечките, со што вкупниот број на избирачки места изнесува 3.480. Со оглед на тоа што рокот за објавување на описите на избирачките места е 28-ми март, односно по завршувањето на јавниот увид во Избирачкиот список, апелираме до Државната изборна комисија да го заврши овој процес што е можно побрзо, со цел граѓаните навремено да бидат информирани на кое избирачко место може да го остварат своето право на глас.