Мостар одбележува 21 година од рушењето на Стариот мост

Со сирена за општа опасност, скокање во студената вода на Неретва и со фрлање цвеќе во реката, Мостар ја одбележа 21 година откако хрватските сили со артилериски напад го срушија Стариот мост.

Стариот мост беше бисерот на османлиската архитектура на Балканот. Градба која во моментот на рушење беше 427 години стара. Мостот беше симбол на Мостар, но и симбол на поврзувањето на културите и цивилизациите.

На одбележувањето на годишнината се собраа многу граѓани, а и годинава сè помина без политички говори и пораки. Организатор е Клубот на скокачи во вода „Мостар“, од каде порачаа дека сакаат да оддадат чест на Стариот мост и на сите кои загинаа во војната во БиХ.