Мотоциклист фрли 1.500 евра во ветер

Триесет и шестгoдишен мотоциклист фрли во ветер 1.500 евра возејќи се изминатиов викенд на автопат на југот од Германија, кога банкнотите се разлетале од пластичната вреќичка во којашто имал 9.000 евра, соопшти полицијата.

На невнимателниот мотоциклист банкнотите му се разлетале по автопатот северно од Минхен во саботата.

Кога сфатил што се случува, мажот запрел и започнал да ги собира парите, а други учесници во сообраќајот ја повикале полицијата којашто на 45 минути го запрела сообраќајот за да му помогне во тоа.

Сепак, за повеќето банкноти било предоцна, па 1.500 евра едноставно биле „одвеани со виорот“.

Овој случај потсетува на оној од Бадник минатата година, кога исто така на автопат на југот од Германија маж кој заборавил да ја земе актовката од покривот на својот автомобил предизвика одушевување, кога банкнотите полетале и како дожд почнале да паѓаат на автомобилите.

Тогаш медиумите објавија дека откако запрел на бензинска црпка, 62-годишниот маж од Велика Британија заборавил да ја земе од покривот на својот автомобил чантата со илјадници евра.

Банкнотите се разлетале по сите ленти на автопатот, а многу возачи ги запреле своите возила за да ги собираат парите. Само мал дел од парите сопственикот успеал да добие назад, соопшти тогаш полицијата без да ја наведе сумата за која станува збор.