Мозаик изваден во ’91 се враќа во Стоби

На крајот на септември се очекува во археолошкиот локалитет Стоби да биде вратен мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика, еден од најстарите ранохристијански објекти во Република Македонија. По дваесет години посетителите на Стоби ќе имаат можност повторно да го видат овој раскошен мозаик, кој бил изваден во 1991 година.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на Велес Славчо Чадиев денеска го посетија локалитетот, каде на симболичен начин го означија почетокот на работата на суверница, која е 19-та поставена од планираните 20 во рамки на проектот на Министерството за култура.

– Од особена важност е што мозаикот од околу 180 метри квадратни површина да биде вратен во Епископската базилика како што се очекува на крајот на септември. Тоа ќе биде една огромна атракција за сите туристи и за граѓаните на Република Македонија. Од октомври граѓаните ќе имаат можност да ја видат оваа огромна мозаична содржина. Денеска ја видовме и шемата, секој дел има различен вид шара на интересни мозаици коишто се целосно конзервирани од страна на стручните лица, изјави министерката Канческа Милевска.

Мозаикот одоздола е заштитен со алуминиумско саќе, додека одозгора ќе биде заштитен со покрив.

И оваа година локалитетот Стоби беше опфатен со истражувањата во делот на капиталните проекти на Управата за заштита на културно наследство.