Можната енергетска соработка на Турција и Русија треба да биде проблем на Европа

Кипарскиот министер за надворешни работи, Јоанис Касулидис изјави дека евентуалната енергетска соработка меѓу Турција и Русија треба да е проблем на Европа.

– Ова прашање треба да е проблем на Европа, бидејќи од една страна беше загрижена поради улогата на Украина и затворање на гасоводот низ Украина, а сега е на пат да го остави гасоводот во рацете на турскиот претседател Ердоган, истакна Касулидис.

Тој нагласи дека позицијата на Никозија за енергетските ресурси на Република Кипар е ставена на хартија и предадена на Анкара од грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос при неодамнешната посета на Турција.

Кипарската грчка страна очекува од турската влада одговор за исклучителната економска зона на Република Кипар и крајбрежниот гас што доведе до заострување на односите во регионот, изјави Касулидис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.