Можност за безготовинско плаќање на царинските давачки

Граѓаните и економските оператори на сите гранични премини во земјава ќе можат царинските давачки да ги платат безготовински – со електронска картичка. Инсталирани се вкупно 24 пост-терминали на Царинарницата Скопје, Битола, Куманово и Штип, пренесе МИА.

– Со оваа можност граѓаните и економските оператори веќе нема да имаат потреба да патуваат до најблискиот град или до најблиската филијала на пошта и комерцијалните банки, ниту да чекаат на ред пред нивните шалтери за да ги уплатат давачките поврзани со царинското работење, туку ќе ги добиваат на едно место во царинските испостави каде се спроведуваат царинските формалности, изјави директорката на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска денеска на промоцијата на воведувањето на можноста за безготовинското плаќање.

Таа додаде дека ова се воведува со цел да се обезбеди квалитетна и брза услуга за граѓаните следејќи ги најмодерните трендови за безготовинско плаќање.

Според Радеска-Крстевска, ова е уште една реформа што Царинската управа ја воведува со цел гаѓаните и економските оператори полесно и побрзо да ги извршуваат плаќањата независно од висината на износот што е поголема поволност во однос на веќе воведената можност за плаќање на административните такси во износ до 250 денари преку СМС-порака.

Царинските давачки граѓаните и економските оператори може да ги плаќаат со картичките на „маестро“, „мастеркард“, „виза електрон“, „виза“, како и картичките за домашна употреба што се издаваат од сите домашни и странски банки.

Царината проектот го започна во октомври минатата година кога беше распишан јавен повик за избор на најповолен понудувач за воведување безготовинско плаќање преку пост-терминал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.