Можностите за финансирање ќе бидат презентирани пред бизнисмените од Кичево

Можностите за финансирање на приватниот сектор преку Програмата на Европската унија „Хоризонт 2020“ денеска ќе бидат презентирани пред бизнисмените од Кичево и околината, пренесува МИА.

Презетнацијата е во рамките на 4. работилница за Проектот „Формирање бизнис-центар за поддршка и консултативни услуги за малите и средни претпријатија во Југозападниот плански регион“, организирана од Регионалната стопанска комора со седиште во Кичево во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион

Главната цел на Проектот е да се зголеми конкурентноста на планските региони преку поддршка на малите и средните претпријатија и на претприемништвото во регионот.

Со реализацијата на планираните проектни активности се очекува зголемување на степенот на инвестиции што ќе овозможи креирање на нови работни места и задоволување на барањата и интересите на бизнис-заедницата. Проектот, исто така, треба да го зголеми пристапот до информации и степенот на учество на приватниот сектор во носење на соодветни одлуки на локално и на регионално ниво.