Можностите за инвестирање пред 1.000 меѓународни компании и влади на Самит во Индија

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, и директорот на технолошките индустриски развојни зони,Виктор Мизо, се официјалните членови на владината делегација која ќе ги презентира бизнис можностите на Македонија на Самитот во Бангалор, Индија кој што се одржува од денеска до 29-ти јануари.

Овој Самит кој годинава го слави својот 20-годишен јубилеј е во организација на Конфедерацијата на Индиската Индустрија со поддршка на Владата на Индија и е еден од најзначајните Самити за бизнис заедниците во светот.

Можностите и предностите на инвестирањето во Македонија ќе бидат презентирани пред околу 1.000 меѓународни компании и високи владини претставници.

Министерот Наумоф е еден од главните говорници на овој Самит, каде во панелот „Ефективни начини за соработка со меѓународни партнери за овозможување на подoбар и побрз развој” ќе зборува за бенефициите кои ги нуди Македонија на инвеститорите.

Министерот за странски инвестиции истакна дека овој Самит дава огромни можности за компаниите да создадат нови бизнис соработки и е одлична можност да се презентира Македонија.

Наумоф и Ивановски ќе одржат директни средби со меѓународни компании присутни на овој Самит, меѓу која е и средбата со висок претставник на менаџментот на компанијата „Mindtree “. Оваа компанија која остварува приход од околу 435 милиони долари нуди глобални информатички решенија и е стратешки партнер на преку 40 компании од „Fortune 500 “.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.