Македонија

Можностите за инвестирање во Македонија ќе се претстават во Јапонија

Можностите за инвестирање во Македонија ќе се претстават во Јапонија

Можностите за инвестирање во Македонија ќе бидат претставени на бизнис форум што ќе се одржи утре во Токио во организација на македoнската Амбасада и Јапонската организација за надворешна трговија, пренесува МИА.

Присутните потенцијални инвеститори со условите за правење бизнис во Македонија ќе ги запознае министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски. Најавено е присуство на стотина јапонски компании од различни сектори.

Министерот Мицковски ќе има средби со потпретседателот на Јапонската организација за надворешна трговија, како и со претставници на компаниите со кои ќе размени мислења и искуства за инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија.

Мицковски  во Токио ќе присуствува и на Самитот за нова економија (НЕС), кој се одржува на 7 и 8 април годинава и претставува една од најголемите светски конференции организирана од страна на Јапонската асоцијација за нова економија.

Посетата на Јапонија е во рамки на владините активности за привлекување странски инвестиции,  а како резултат на напорите и активностите на македонските дипломатски претставништва во делот на економската дипломатија.