Можностите за инвестирање во Македонија презентирани на бизнис форум во Швајцарија

Поволните инвестициски услови кои ги нуди нашата земја денеска беа презентирани на бизнис форум во Швајцарија, од страна на владината делегација предводена од заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, во чиј состав е и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Висар Фида.

Во попладневните часови беше одржан бизнис форум, организиран во соработка со Swiss Global Enterprise, која е присутна во Република Македонија од 2002 година, како имплементатор на Швајцарската програма за унапредување на извозот, чија цел е да обезбеди поддршка на извозот на македонските извозно ориентирани мали и средни претпријатија и да го олесни воспоставувањето трговски врски со Швајцарија и земјите од Европската унија.

За време на форумот, како што известуваат од кабинетот на вицепремиерот Пешевски, пред присутните беа претставени предностите и реформите кои Република Македонија ги спроведува во сферата на деловната клима, бизнис опкружувањето и даночната политика, а воедно беа претставени и мерките кои се преземаат со цел подобрување на инвестиционата активност во државата, вклучително и поволностите кои ги имаат инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони во Република Македонија.

По форумот вицепремиерот Пешевски и министерот Фида одржаа и поединечни директни средби со неколку високи претставници на компаниите кои присуствуваа.

Вечерва делегацијата ќе присуствува на средба, организирана од страна на Greater Zürich Areas, меѓународна организација која посредува при изнаоѓањето на поволни дестинации за инвестирање на швајцарските компании, каде ќе присуствуваат претставници на елитната бизнис заедница на Швајцарската Конфедерација.

Работната посета на Швајцарската Конфедерација претставува одлична можност за –претставување на стабилната макроекономска политика која ја води државата, мерките кои се преземаат во насока на развивање и усовршување на образовниот процес и работната сила во државата, како и можностите за инвестирање во различни секторски гранки од економијата, се вели во соопштението.