Македонија

Интервју на Јоханес Хан Можно решение во спорот меѓу Грција и Македонија во првата половина на 2018 година

Можно решение во спорот меѓу Грција и Македонија во првата половина на 2018 година

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јохаен Хан очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение меѓу Грција и Македонија за отворање на преговорите со земјава за членство во ЕУ.

Сега имаме прозорец на можности до средината на следната година кога почнува изборната кампања во Грција. Се’ повеќе се разбира потребата дека политичко решение мора да се најде, вели Хан во интервју за австрискиот весник „Винер Цајтунг“, пренесува „Канал 5“.

Еврокомесарот нагласил дека во тој правец е и подобрената политичка клима меѓу Скопје и Атина. Според него, односите меѓу Грција и Македонија многу се подобрени, благодарение на активните напори на новата влада во Скопје, изјави Хан, додавајќи дека и кај владата во Атина има волја за изнаоѓање политичко решение.

Хан потсетува дека Европската комисија досега даде девет препораки за почеток на преговорите со Македонија. Истакнува дека и државите членки на ЕУ сега сфаќаат дека земјите од Западен Балкан мора да имаат јасна перспектива за евроинтеграција за да се обезбеди долгорочна стабилност во регионот. Како добар пример во кој се покажа позитивната улога на ЕУ, еврокомесарот го посочува надминувањето на политичката криза во Македонија. Со тоа, истакнува Јоханес Хан, стана јасно дека ангажманот на ЕУ може да направи разлика и оти земјите од регионот треба да бидат вклучени во европската безбедносна мрежа.