МПЦ не кажува дали ќе се пазари за автокефалноста

Од Синодот се резервирани и не сакаат предвреме да коментираат дали евентуалното ослободување на Вранишковски би ги подобрило односите меѓу СПЦ и МПЦ и би резултирало со признавање на автокефалноста.

Оттаму најавија дека за сите новости во процесот навремено ќе ја информираат јавноста.

Новинарот Марјан Николовски во својата колумна Автокефалност на сто метри со пречки пишува дека ослободувањето на Вранишковски нема да донесе автокефалност, како и дека нема да ја спречи најавата на СПЦ за расчинување на Архиепископот Стефан.

„Слободата на Јован нема да донесе автокефалност на МПЦ, но ќе разјасни многу состојби на заблуда во јавноста. Слободата на Јован нема ниту да ја спречи најавата на СПЦ за расчинување на Архиепископот Стефан. Таа, денес или утре ќе се случи како потреба од нерешен резултат пред пеналите од крајот на натпреварот СПЦ-МПЦ. Во таков случај ќе биде јасна и неговата и  иднината на Вранишковски. Но, ќе биде ли јасна иднината и статусот на МПЦ?

МПЦ е длабоко навлезена во приказната за автокефалност и тука нема простор за многу импровизации. Најавите дека откако Јован ќе излезе на слобода, Руската црква во фази ќе најде решение како посредник во овој спор и тоа оптимистички до 2016 година може да биде многу опасна и манипулативна теза, особено за јавноста. А, ако некои Владици пробаат и да влезат во нејзе, тоа ќе биде почеток на крајот и распадот на МПЦ.

Што е она што е важно? Прво Руската црква, ниту може, а ниту сака да потврди решение за автокефална црква и затоа постојано заговара термин „самостојна”. Но, што е самостојна црква? Таков статус православната црква не познава. Ако за Руската црква решение на проблемот е применување на рецептот со задграничната Руска црква, тогаш одговорот од Скопје треба да биде НЕ! Благодарам“, пишува во својата колумна Николовски.

Бранко Ѓорчевски, уредник во Дневник вели дека го подржува ослободувањето на Вранишковски од затворската казна, но само доколку тој потег донесе нешто повеќе од обновување на преговорите на МПЦ со СПЦ, односно признавање на автокефалноста.

-Доколку нема ваков исход од ослободувањето, истото би било само признавање дека Вранишковски е неправедно затворен. Неговото ослободување треба да донесе нешто повеќе од обнова на преговорите, вели Ѓорчевски и додава дека е јасно оти СПЦ не се поместува од своите поранешни позиции, притоа нагласувајќи дека ние тоа не можеме да го прифатиме.

Тој потенцира дека не смее да се заборави фактот дека СПЦ во 1959. година веќе дала согласност за автономија на МПЦ, а потоа своевремено ја повлекла одлуката.

– Нека ни кажат кои тоа услови не ги исполнуваме за да бидеме автокефална црква, вели Ѓорчевски и додава дека она од што стравува е влијанието на Руската црква врз Српската кога станува збор за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква.