Мрсно се продава како посно

Маркетите продаваат „посни“ производи кои содржат казеин и сурутка во прав. Потрошувачите не знаат дека овие две компоненти имаат животинско потекло и дека се практично измамени.

За време на велигденските пости под ознака „посно“ на рафтовите се нуди храна што содржи млеко, желатин од животинско потекло, свинска маст и други мрсни состојки.

Според експертите, за посни производи се сметаат оние во кои млечните масти се заменети со растителни, но, токму тука е манипулацијата.

– Производите кои содржат казеин или сурутка (во прав) воопшто не се посни бидејќи потеклото на овие две компоненти е анимално. Точно дека од млекото се сепарира млечната маст и таа се заменува со растителна, но казеинот останува, и затоа производот не може и не треба да се декларира како растителен, уште помалку како посен. Слично е и со сурутката, објаснува за МИА доц. д-р Наташа Дуброва Матева од Институтот за сточарство.

Сурутката, нагласува Матева, е исклучително здрава, има висока хранлива вредност, ја забрзува дигестијата, ама е со животинско потекло.

Организацијата на потрошувачи (ОПМ) ја квалификува продажбата на наводно посни производи како нечесна пазарна пракса.

– И минатата година ова време, пред големите празници, реагиравме до Агенцијата за храна. Побаравме јасно да се разграничат растителните од животинските производи во маркетите, а посните да се повлечат ако содржат и најмалку состојки кои се „мрсни“, напоменува претседател на ОПМ Маријана Лончар.

ОПМ апелира потрошувачите повеќе да внимаваат при купувањето и секогаш да ги читаат декларациите.

Оние што постат треба да се информираат и за храната што ја консумираат во рестораните и сендвичарите, а се нуди како посна, имајќи предвид дека може да биде подготвена на места и во садови во кои се готват и продукти од животинско потекло.