МТЦ: Патната инфраструктура е врвен приоритет

Министерството за транспорт и врски најостро реагира на соопштението објавено од политичката партија ВМРО-НП, а кое се однесува на изградбата на регионалниот пат Велес- Лозово.

Со цел објективно да биде информирана јавноста, сакаме да појасниме дека се работи за реконструкција на постоечки регионален пат со две сообраќајни ленти и прераснување во експресен пат со две сообраќајни ленти и две ленти за застанување. Во таа насока експресниот пат е изведен согласно изготвената проектна документација со геометриски елементи согласно Правилникот за проектирање на ваков вид на патишта за што е добиено и позитивно мислење од Градежен факултет. Делницата е изведена согласно сите стандарди за градба. Што се однесува до поставувањето на еластичната одбојна ограда, таа е поставена секаде каде согласно пропишаните стандарди има висина на насип поголема од три метри, се вели во реакцијата од Министерството.

Од таму истакнуваат дека делницата Велес- Лозово која е дел од регионалниот пат Велес-Штип (Кадрифаково) комлетно е реконструирана, односно извршено е проширување на постојниот коловоз од 6,4м на 11,1м.

При реконструкцијата извршено е ублажување на 5 кривини, со што е зголемена пропустната моќ на делницата, прегледноста како и безбедноста во сообраќајот. Оттука, сакаме да појанисме дека нема потреба за загриженост од страна на политичката партија токму во време во кое се патната инфраструктура е врвен приоритет и кога како никогаш до сега се градат, автопати, експресни, регионални и локални патишта, се додава во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.