МТСП: Целосно сме посветени на подобрување на состојбата на социјално ранливите категории

Владата и Министерството за труд и социјална политика се целосно посветени на подобрување на состојбата на социјално ранливите категории граѓани. Владата ја зголеми висината на социјалната парична помош од 2006 до 2014 година при што зголемувањето е за 47 отсто, и дополнително во јуни 2015 ќе се зголеми за 5 отсто.

Ова се наведува во реакцијата на Министерството за труд и социјална политика на прес-конференцијата на Мила Царовска, претседател на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

– Ги демантираме лажните тврдења на СДСМ смислени за дневнополитичка употреба. Разбираме дека Мила Царовска мора да ја исполни партиската задача да одржи прес конференција, која и овој пат содржи тези кои се невистинити. Во времето кога владееше партијата на Царовска, социјалната парична помош во просек 2006 година изнесувала 2.900 денари, а во 2014 изнесувала 4.266 денари. Оваа Влада спроведува низа проекти со кои сеопфатно ги поддржува социјално ранливите категории за кои јавноста е постојано информирана, стои во реакцијата.

Од Министерството посочуваат дека последната исплата на социјална парична помош е на 12 февруари годинава, и исплатата на сите права е редовна. Отсекогаш, истакнуваат, вкупните приходи на сите членови во домаќинството по сите основи (плата, пензија, земјоделска дејност, закупнина итн) се сметаат за приход кој треба да се пријави во меснонадлежниот Центар за социјални работи, и тој влијае во остварувањето и користењето на социјална парична помош бидејки истата е наменета за материјално необезбедени лица.

– Со цел да се спречат злоупотребите во користењето на ова право, центрите за социјална работи ги проверуваат приходите по сите основи. Ако се утврди дека некој корисник примил парични средства којшто не ги пријавил, согласно Законот за социјална заштита, член 53, Центарот е должен да донесе решение за престанок на правото, поради непријавување и лажно прикажување на материјалната и семејната состојба на домаќинство. За социјалната парична помош да ја примаат лица кои ги исполнуваат законските критериуми и лица кои се материјално необезбедени, согласно Закон се преземаат мерки за спречување на злоупотребите од оние корисници кои остваруваат дополнителни поголеми приходи, се вели во реакцијата.

Од Министерството додаваат дека доколку некој корисник прими средства наменети за лекови, набавка на медицински помагала, и притоа приложи документација, жалбата ќе му биде усвоена и ќе продолжи да го користи правото на социјална парична помош.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.