МТСП донира 500 помагала за слепите лица

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) му донираше 800 илјади денари на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, за набавка на 500 помогала кои ќе им помагаат во секојдневниот живот.

Со донираните средства набавени се вкупно 500 тифлотенички помагала и тоа 50 говорни апарати за мерење на крвен притисок, 50 говорни топломер за телесна температура, 70 големи рачни тактилни (браеви) часовници, 40 говорни звучни часовници, 30 мали рачни тактилни (браеви) часовници, 10 звучни рачни часовници, 50 говорни топломери за телесна температура, 50 говорни кујнски ваги за домаќинство, 50 говорни индикатори за течност, како и 50 пакет на игли за шиење за слепи лица и 100 вденувачи за конец за игли за шиење.

„Како надлежно министерство издвоивме 800.000 денари за оваа донација и понатаму ќе продолжиме континуирано да правиме набавки за различни помагала коишто им се потребни на слепите лица во нашата држава. Многу малку од нас се запарашуваат како слепите лица дознаваат колку е часот или како ја мерат грамажата во сопствените кујни и како го мерат својот крвен притисок или телесна температура кога не се чувствуваат добро. Tокму поради тоа ги набавивме овие помагала од коишто имаа потреба слепите лица и кое беше долгогодишно барање на Националниот сојуз на слепи за континуирана набавка на опрема којашто ќе траба да им го олесни секојдневието на овие наши сограѓани и едноставно да изнуди насмевки на нивните лица”, истакна министерот Спасов.

Спасов додаде дека Министерството и понатаму ќе продолжи со реализација на најразлични проекти, нагласувајќи дека додатокот на слепило од 7.000 денари месечно, кој беше воведен од страна на Владата на Република Македонија моментално го остваруваат околу 2.500 потполно слепи лица во Република Македонија.

„Овој додаток навистина им е од големо значење. Дополнително сите слепи лица остваруваат надоместок за помош и нега од трето лице, а исто така, продолжуваме и со низа активности, односно очекуваме некаде до месец септември да биде отворен и првиот Дневен центар за слепи дечиња во Скопје, а потоа во 2015 година се планира и отворање на Дневен центар за слепи и во Велес. Исто така, продолжуваме и со набавка на ваква опрема, започнавме и со постапка на снимање на повеќе од 400 аудио книги од најразличен карактер кои што треба да им го олеснат секојдневието. Ќе започнеме и постапка за изградба на патеки за слепи лица од седиштето на Сојузот на слепи до централното градско подрачје, односно до плоштадот, а ќе иницираме и законска измена со којашто ќе се создаде и обврска за општините во централните градски подрачја и градските паркови, кога ќе ги реновираат истите или кога ќе прават нови пешачки патеки”, потенцираше министерот.