МТСП подготвува кривични и прекршочни пријави за случајот во домот „25 Мај“

Прекршувања на законите за социјална заштита и за семејство, подзаконски, општи, поединечни и други акти донесени во поглед на постапката за ставање лица под старателство, сместување дете во установа и сместување дете без родителска грижа во згрижувачко семејство. Ова го констатирала социјалната инспекција во вонредниот инспекциски надзор, кој е извршен вчера во Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје со цел да се испитаат сите околности во случајот со малолетната девојка Р.И.

Врз основа на досегашните наоди, како што информира денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП), подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица, а сите сознанија и докази за овој случај се доставуваат до Основното јавно обвинителство.

МТСП соопшти дека во периодот додека Р.И. била згрижена во згрижувачко семејство и во постапката за водење старателство врз малолетното лице, констатирано е дека старателите биле често менувани и притоа отсуствувале клучните елементи од старателската функција.

„При поставувањето на старател, Центарот не изготвувал наод и мислење на стручен работник, наод и мислење на стручен тим и лист за следење за работа со корисникот. Од извештајот на старателот кој непосредно ја вршел старателската должност, не може да се види неговата грижа за лицето ставено под старателство, а особено за неговото здравје, издржувањето и оспособувањето за самостоен живот, за негово воспитание и образование, како и за се друго што е од значење за лицето ставено под старателство“, се вели во соопштението од МТСП.

Центарот во повеќе наврати давал согласност за видување и престој на малолетната Р.И. кај нејзините родители и покрај тоа што им било одземено вршењето на родителското право врз три малолетни деца, поради континуирано злоупотребување и занемарување на родителските должности. Документирано е, како што се наведува, дека за време на престојот кај родителите, таа била повторно присилувана и наведувана на питачење.

„По информациите добиени од Р.И. во октомври 2016 година дека во текот на летото имала полов однос со одредено лице, назначениот старател не повел постапка за утврдување на фактите, ниту пријавил до Министерството за внатрешни работи“, стои во соопштението.

По промената на координаторот на предметот во јули 2017 година, утврдено е дека тој ги преземал сите потребни мерки. До МВР се доставуваат редовни пријави, а кога се појавиле индиции дека Р.И. е можна жртва на трговија со луѓе, таа е привремено сместена во шелтер центар и со неа разговарале инспектори од Одделот за организиран криминал и жртви на трговија со луѓе. И покрај овие интервенции изостанала реакција од Основното јавно обвинителство.

Покрај лоцирањето на одговорност во Центарот за социјална работа, МТСП паралелно ја испитува и работата на Заводот за згрижување деца со вопитно-социјални проблеми и нарушено поведение, каде што е во тек инспекциски увид.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.