МТВ: Одобрението за градење на театарот во Струмица е законско

Министерството за транспорт и врски реагира на соопштението на општина Струмица, кое се однесува на проектот за реконструкција, односно изградба на театарот во Струмица, во кое се наведува дека: „Согласно важечките закони во земјата, Општина Струмица е институцијата, која во конкретниот случај, треба да изработи пресметка за надоместок за уредување на градежно земјиште. Но до ден денешен таква пресметка ниту постои, ниту Министерството за транспорт и врски побарало од Општина Струмица истата да биде изработена.“

„Сакаме да појасниме во јавноста дека одобрението за градење е издадено во законска процедура, согласно Закон за градење. Имено, согласно Правилникот за степенот на уредување на градежно земјиште со објекти на комунална инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост, член 4 став 2 алинеја 6 за објекти кои претставуваат објекти заштитени како културно наследство не се пресметува овој надоместок,“ реагираат од Министерство за транспорт и врски.

Од Министерството појаснуваат дека со оглед на тоа што ова соопштение на општина Струмица е испратено во предизборен период, јасно е дека станува за обид за манипулација со јавноста со цел да се добијат ситни политички поени.

„Нагласуваме дека Министерството за транспорт и врски работи исклучиво во согласност со законските прописи и недозволиво е една општина во Република Македонија да не ги познава законите и подзаконските акти според кои треба да функционира,“ велат оттаму.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.