МТВ: Сите обврски кон фирмата избрана за изградба на пругата кон Грција се подмирени

Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ е силно фокусирана на реализација на проектите во железничката инфраструктура. Доказ за тоа се бројните проекти што се реализирани и сите други што во моментов се реализираат и што се видливи, реагираат од Министерството за транспорт и врски, на обвинувањата на  Благој Бочварски од СДСМ.

Во продолжение интегрално соопштението од Министерството за транспорт и врски:

Тоа што Благој Бочварски излегува на прес конференција и говори за проектите во железницата, само го потврдува неговото елементарно непознавање во железничкиот сектор како и деструктивноста на СДСМ бидејќи зборуваат за проекти кои веќе се реализираат, а од друга страна избегнуваат да дадат одговор што се случи со кредитите што тие ги земаа за проекти во железницата кои никогаш не се реалзираа.

Наместо да изјавуваат лажни тези, да им објасанат на граѓаните каде завршија тие пари!

Очигледно е дека за СДСМ партиските интереси се ставени пред интересите на граѓаните на Република Македонија и државата и тоа се докажа во многу ситуации. Бидејќи од СДСМ јавно прашуваат, јавно ќе им одговориме дека сите обврски кон фирмата избрана за изградба на пругата кон Грција се навремено подмирени.

Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи да останат нереализирани проекти што се ветени пред граѓаните.

Но за да ги потсетиме од СДСМ бидејќи само тие не можат да забележат што се се работи во секторот Железници:

  • Извршена е реконструкција на делницата Табановце Куманово во должина од 12 км и од Миравци до Смоквица  во должина од 12 км, инвестиција од 7 милиони евра.
  • Во тек е изградба на пруга од Куманово до Бељаковце, инвестиција од 41 милион евра
  • Во тек е тендер за избор на компанија за изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, инвестиција од 147милиони евра.
  • Во тек е проектирање за изградба на пруга од Крива Паланка до Деве Баир.
  • Во тек е ремонт на делница Ногаевци- Неготино, инвестицијата е во вредност од  9.4 милиони евра.
  • Во тек е проектирање на едноколосечна железничка пруга во должина околу 63 километри од Кичево до  Лин, Република Албанија.
  • Набавени се 150 вагони за товарен превоз, инвестиција од 13,2 милиони евра.
  • Набавени се 6 нови патнички возови и тоа 4 дизел-моторни гарнитури и 2 електромоторни гарнитури, инвестиција од 25 милиони евра.
  • Реконструирана е железничката станица во Скопје.  Вкупната инвестиција на проектот изнесува околу 2.6 милиони евра
  • Завршени се со реконструкција  железничките станици во: Велес, Прилеп, Демир Капија, Табановце и Градско. Во тек е реконструкција на станиците во Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка и Неготино. Оваа инвестиција е во вредност од околу 1,9 милиони евра.
  • Во тек е тендер за набавка на 3 нови локомотиви, инвестиција од 7 милион евра.

Ова се само дел од големите проекти што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира во железничкиот сектор.

Го повикуваме јавно да каже Благој Бочварски, што СДСМ сработи во Железницата додека беа на власт, освен тоа што ќе ги паметиме по уништување и разграбувње на имотот на Железница.