Мубарак не е виновен

Египетскиот суд денес ги повлече обвиненијата против поранешниот претседател на Египет Хосни Мубарак во повтореното судење, при што тој беше обвинет за убиство на демонстранти за време на немирите во 2011.

Судот пресуди и дека Мубарак не е виновен по обвиненијата за корупција при набавувањето природен гас од Израел.

Мубарак беше обвинет дека со седуммина поранешни командири е вмешан во убиството на стотина демонстранти за време на протестите во 2011 година кои доведоа до крајот на неговото тридецениско владеење.

По ослободителната пресуда, неименуван судски функционер наведе дека Мубарак сепак нема да може да излезе од затвор бидејќи се наоѓа на отслужување тригодишна затворска казна, во одвоен случај на корупција.

И поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал Адли и шестмината негови помошници се ослободени од судот, кои беа обвинети за убиство на демонстранти во 2011 година.