Мухамед Али не може да оди, ни да зборува

Поради тешката состојба во која се наоѓа Мухамед Али не може ниту да отиде на премиерата на филмот “I am Ali” во кој се раскажува неговата животна приказна.

72- годишниот Мухамед Али со години води битка со Паркинсоновата болест. Легендарниот боксер во последно време е во тешка состојба, речиси ја изгубил моќта на говорот.

Неговиот брат Рахман на премиерата на филмот„Јас сум Али“ на која Мухамед не можеше да присуствува, рече дека одамна не зборувал со својот брат.

– Долго не сум зборувал со него бидејќи тој одвај може да зборува. Многу е болен но среќен е што ние, членовите на неговото семејство, дојдовме на премиера на филм кој зборува за него. Го благослови снимањето на овој филм и многу се гордее, изјави 71 годишниот Рахман.

Здравствената состојба на Мухамед Али се влоши во јануари, кога неговиот син Али јуниор изјави дека можеби нема да го дочека следниот Божиќ.

Мухамед Али беше прогласен за најдобар спортист на 20-от век од Билд и Спортс Илустрејтед. Би Би Си го нарече личност на векот.

Беше трикратен боксерски шампион во тешка категорија и освојувач на златен олимписки медал.

Роден е како Касиус Марлеус Клеј, но во 1964 година ја смени верата и името.

Многу кусо по завршувањето на боксерската кариера, во 1982, е утврдено дека боледува од Паркинсоновата болест.