Македонија,Економија

Мукаетов на Самит100 на бизнис лидерите на Југоисточна Европа

Мукаетов на Самит100 на бизнис лидерите на Југоисточна Европа

Mожностите за соработка во јакнењето на конкурентноста на националните економии на земјите, но и за конкурентскиот потенцијал на целиот југоисток на Европа е темата на која ќе разговараат истакнати претприемачи и стопанственици од земјите на Југоисточна Европа на деловниот собир Самит100 на бизнис лидерите на Југоисточна Европа.

Овогодишниот Самит100 ќе се одржи на 14. и 15. Јули во Цавтат, во Хрватска, a главната тема на собирот ќе биде подобрувањето на економските прилики и регионалната соработка преку препознавањето на потенцијалите во областа на туризмот, на транспортот и на логистиката, на храната и пијалаците, на ICT и на услугите, како и на фармацијата и на енергетиката.

Организатори на Самит100 се Хрватското здружение на работодавци (ХУП), Фондацијата Атлас, Српската асоцијација на менаџери (САМ) и Здружението Менаџер на Словенија. (ЗМС).

На собирот ќе учествуваат стотина водечки деловни луѓе од Југоисточна Европа, коишто на работните маси, групирани според економските сектори,ќеразговараат за препреките и можностите за соработка во регионот. Предлозите како да се унапреди соработката во регионот во одделни сектори ќе бидат претставени на пленарниот панел на делегациите на државите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Словенија и Србија, чиешто доаѓање на Самит100 е најавено за 14-ти јули. На вториот ден од собирот ќе се зборува за привлекувањето глобални инвеститори во регионот, при што своите искуства ќе ги изнесат некои од најголемите инвеститори во земјите на Југоисточна Европа, додека за тоа како да се дојде до изворите на финансирање на деловни проекти на завршниот панел ќе зборуваат клучните менаџери на водечките банки во регионот.

„Една од главните цели на овогодишниот Самит100 е создавањето нови прилики за соработка и зацврстување на темелите за реализација на заеднички деловни интереси во седум стопански сектори со најголеми развојни потенцијали во регионот. На овогодишниот Самит воедно ќе има прилика да се дознае како успешно се институционализира регионалната соработка без загрозување на суверенитетот и идентитетот на државите според примерот на соработката меѓу нордиските земји.“, изјави Дамир Куштрак, претседател на Управниот одбор на Самит100.

Од Македонија во својство на член на управниот одбор на „Самитот100“ ќе учествува и господинот Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид А.Д.