Мукаетов награден во Париз за придонес во економијата, културата и спортот

Во рамки на церемонијата на свеченото отвoрање на четвртиот фестивал на кинематографиите од Jугоисточна Европа, „SEE a Paris“ (ЈИЕ во Париз), што  се одржа во престижниот париски „Театар Ле Палас“, генералниот директор на „Алкалоид АД Скопје“,  Живко Мукаетов ја доби наградата „ЈИЕ Личност за 2014“, за неговите заслуги и достигнувања во сферата на економијата, корпоративната одговорност,  придонесите во културата и спортот и разни сфери од јавниот живот кои го обединуваат регионот на Југоисточна Европа.

На свеченото отворање и доделување на признанија на фестивалот во Париз присуствуваа претставници на „УНЕСКО“, високи претставници на амбасадите на земјите на Југоисточна Европа во Париз, личности од јавниот и културниот живот на оваа метропола, а настанот беше најавен и од најтиражниот весник во Франција, „Ле Паризиен“.

Церемонијата на отворањето на фестивалот „ЈИЕ во Париз“ започна со омаж на црногорскиот режисер Живко Николиќ (1941-2001). Големиот француски поет Марк Делуз ја доби фестивалската награда „Еуропа Прима“ а актерот Емир Хаџихафизбеговиќ, кој има остварено многу успешни улоги во разни култни филмски и театарски претстави, ја доби наградата „ЈИЕ Актер“.

Наградата  „ЈИЕ Личност 2014“ на  Мукаетов му ја врачи  Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“,  Јордан Плевнеш, кој воедно е и основач и Претседател на советот на фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа „ЈИЕ во Париз”. Досегашни добитници на ова признание се г. Бранислав Мичуновиќ, министер за култура на Црна Гора и актерите Мики Манојловиќ и Мето Јовановски.

Фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа  „ЈИЕ во Париз“,изминативе три години ги воспостави разрушените мостови помеѓу земјите на Југоисточна Европа и оствари исклучително ехо на интернационален план, како реафирмација на цивилизацискиот простор, што ги обединува културите на сите народи од овој дел на Европа.