Македонија,Економија

Мукаетов: Самостојното, флексибилно и брзо функционирање се најголемите конкурентски предности на „Алкалоид“

Мукаетов: Самостојното, флексибилно и брзо функционирање се најголемите конкурентски предности на „Алкалоид“

Генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, во интервју за хрватски „Пословни дневник“, отворено зборува за трендовите во фармацевтската индустрија, за принципот по кој функционира компанијата која ја води, за ширењето на производственото портфолио.

На прашањето како „Алкалоид“ за разлика од многу други компании го преживеа распадот на Југославија и успеа да го задржи пазарниот удел без влез на стратешки партнер, Мукаетов вели дека самостојното, флексибилно и брзо функционирање е една од конкурентските предности на компанијата.

„Денес „Алкалоид“ е шесто-рангирана фармацевстка индустрија во Југоисточна Европа, а само три од нив се самостојни компании, т.е. не се дел од некој глобален состав. Таквото самостојно, брзо и флексибилно работење е една од нашите најголеми предности пред конкуренцијата. Долгорочно, менаџментот ја гледа компанијата како дел од голем фармацевтски состав, преку кој со веќе добропознатото име ќе освојува нови пазари“, вели Мукаетов за „Пословни“.

Деновиве на Македонската берза беше објавен и шестмесечниот финансиски извештај на „Алкалоид“, според кој компанијата го продолжува континуитетот на позитивни финансиски резултати.

Според консолидираниот Биланс на успех, компанијата бележи зголемување на продажбите од цели 9% и истите изнесуваат 3.722 милиони денари. Остварената добивка од 510 милиони денари, во споредба со првото полугодие лани е зголемена за 3%, а нето добивката од 287 милиони денари бележи зголемување од 4%.