Мукаетов: Секогаш е подобро да си ловец, отколку плен

Најголемиот акционер и претседател на Управата на Алкалоид со свое видување на позицијата, аквизицијата и потенцијалот на  балканскиот фармацевски гигант.

Какви резултати остварувате во последните три години?

– Во изминатата декада, Алкалоид ги удвои најзначајните перформанси на работењето. Консолидираните приходи од продажба во 2005 година беа 53 милиони евра, а во 2014 година преку 120 милиони евра. Нето добивката во 2005. изнесуваше околу 5 милиони евра, а во 2014. надмина 10 милиони. И покрај сериозните влијанија на глобалната рецесија, европската должничката криза, влошената економска состојба на цели економии, нестабилноста на пазарите на капитал  и на финансиските сектори, банкарските кризи, девалвациите на националните валути и, општо земено, зголемениот ризик во работењето, секоја година непрекинато и стабилно растеме.

Какви се вашите планови за работење на Алкалоид во наредните три години?

– Растот и развојот на Алкалоид се резултат на континуираните инвестиции во производите, технологијата, вработените, знаењето, новите пазари…  Алкалоид бележи постојан раст и развој со долгорочна определба за одржување и подобрување на квалитетот на производите, согласно највисоките светски стандарди, а под мотото: Здравјето пред се.

Денес велат дека не е можен раст без аквизиција…

– И тоа е интересна варијанта. Нашата индустрија е мошне динамична и доколку не сте доволно проактивни во барањето нови опции тешко е да се задржат позициите. Нашата примарна стратегија е поврзана со органскиот раст, но доколку сакаме да се развиваме во Европа, опцијата ни е и таргетирањето на компании кои се во состојба тоа да ни го овозможат.

Не сте цел на купување?

– Секогаш е подобро да си ловец отколку да си плен.

Сепак, фармацевтските компании тешко опстојуваат ако не се дел од големите системи…

– Свесни сме за неминовноста на глобализацијата, но во овој момент, како независни, ние сме флексибилни и многу побрзи во протокот на информации и донесувањето одлуки. Проактивноста е истовремено и нашата најголема конкурентска предност. Со јакнење на нашите позиции во регионот, со подобро позиционирање на пазарите на земјите на Европската унија, ЗНД и САД, Алкалоид останува непрекинато отворен за изградба на нови синергии и партнерства, за специјализирање во определени групи на производи и за општо јакнење на брендот надвор од границите на Македонија.

Сметате дека можете да останете самостојни во наредните три години?

– Веруваме дека можеме, како што можеме и понатаму органски да растеме.

Кои од вашите пазари имаат најголем потенцијал за раст?

– Европската унија ни е голем потенцијал бидејќи таму тукушто почнавме да се позиционираме, но тука се и земјите на ЦИС. Градиме портфолио во Грузија, Ерменија и Азербејџан и очекуваме придвижување кон подобро бидејќи таму стартната позиција ни е пониска. Во регионот ни е важно барем да ги задржиме позициите зашто притисокот на цените е голем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.