Мукоски: Негативните последици врз економијата се по заслуга на СДСМ

За јавноста, средствата од еврообврзницата ќе бидат искористени за буџетска поддршка, добар дел од средствата ќе биде искористен за продолжување на капиталните инвестиции и еден дел од средствата, околу 180 милиони, ќе бидат за враќање на стари долгови, нагласи на денешната пресконференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски.

Интегрален текст од пресконференцијата на Мукоски:

Би сакал на оваа прес конференција да го изразам следното мислење на владеачкото мнозинство.

Во врска со еврообврзницата сакам да кажам дека еврообврзницата е издадена во склад со сите законски норми и прописи во Република Македонија. За жал и денес, СДСМ се обидува да шпекулира и манипулира со македонските граѓани иако добро знаат кога и на кој начин Министерот за правда го изразува своето мислење односно на денот на доспевање на средствата што се позајмени од еврообвзницата и легнување на сметката на Народна Банка, Министерот за правда го става својот потпис. Сепак ова е една традиција и обид за шпекулација од страна на СДСМ со граѓаните на Република Македонија.

За јавноста, средствата од еврообврзницата ќе бидат искористени за буџетска поддршка, добар дел од средствата ќе биде искористен за продолжување на капиталните инвестиции и еден дел од средствата, околу 180 милиони, ќе бидат за враќање на стари долгови.

Што се однесува до ребалансот на Буџетот, сакам да истакнам дека Буџетот на Република Македонија е во добра кондиција, има средства за сите неопходни исплати и за плати и за пензии и за социјални трансфери. Генерално, намалени се ставките за некапиталните расходи односно ставката на стоки и услуги и еден дел од капиталните расходи во оние проекти кои што заради динамиката на изведување не се во можност да се реализираат. Само да потсетам, според нашите законски прописи во изминатиов период имавме неколку пати најави за избори и во тој период имаше проблем со реализација на тие капитални проекти и инвестиции.

На крајот, би сакал да истакнам дека сите ревидирања во надолна линија особено на бруто-домашниот производ од 4% на 2,3% се по исклучителна заслуга на деструктивното однесување на СДСМ.