Мукоски: Преку импичментот за Иванов менторите во СДСМ сакаат да ги лечат личните фрустрации

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски денес на седницата на Собрание на која се расправа за иницијативата за импичмент на Ѓорѓе Иванов се обрати до опозицијата посочувајќи им дека и ова последно сценарио на СДСМ нема да помине бидејќи ја немаат поддршката од граѓаните. Мукоски од собраниската говорница изнесе бројки од претседателските избори и нагласи дека Ѓорѓе Иванов политички ги декласирал противкандидатите од СДСМ на изборите.

Ова е последното сценарио од добро познатиот учебник наречен обоена револуција. За среќа на граѓаните на оваа држава заради недостаток на поддршка која што ја немате помеѓу граѓаните не успеавте во намерата да предизвикате граѓански немири и ова ви е последниот удар на највисоката институција во државата, а тоа е Претседателот на Република Македонија. И најмалку вие имате и легитимитет и легалитет да зборувате за Претседателот на Република Македонија, заради тоа што на два пати и во 2009 и во 2014 година политички ги декласираше вашите кандидати за Претседател на Република Македонија. Да потсетам, 2009 година со 453 616 гласа наспроти 264 828 гласа токму Ѓорѓе Иванов го победи вашиот кандидат. Во 2014 година со 534 910 наспроти 398 000 гласа повторно го победи противкандидатот од СДСМ, рече Мукоски.

Во продолжение, Мукоски посочи дека оваа иницијатива е поднесена од кадрите на СДСМ кои што имаат политички лични фрустрации и нетрпеливост кон Иванов и дека Претседателот постапил уставно и според закон.

Токму овој ваш поднесок што денес е целосно неаргументиран правно, е напишан со перото на вашите правни гурула или ментори кои што се водени од своите лични фрустрации и нетрпеливост кон Ѓорѓе Иванов и се има во овој поднесок само нема правни аргументи. Не може да постои правен вакум во било која област и во овој закон конкретно во законот за помилување. Во моментов во Република Македонија на сила е законот за помилување од 1993 година во кој што во членот 11 точно и прецизно се кажани одредбите односно можноста на Претседателот да помилува лица. Сето другото што го кажувате денеска е голо политиканство, нагласи Мукоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.