Мукоски: Во време на СДСМ, сивата економија изнесуваше 47%

Денес во Собранието на Република Македонија на седницата на Комисијата за финансирање и буџет пратениците ја продолжија амандманската расправа за Предлог-Буџетот за 2016 година.

Во комисиската дебата по амадманот поднесен од страна на пратеничката група на СДСМ во кој тие бараат зголемување на државната помош за малите и средните претпријатија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски во реплика кон пратеникот од СДСМ Горан Сугарески даде свое образложение во врска со предлогот на СДСМ.

„Колку оваа Влада од 2006 година им помага на малите и средните претпријатија, колку на странските инвеститори и дали воопшто им помага и дали е тоа доволно?“, вака пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Мукоски ја започна својата реплика кон Сугарески во врска со амандманот со кој се предлага да се зголеми државната помош кон малите и средните претпријатија.

Тој спомена повеќе аргументи кои го докажуваат токму спротивното од тоа што го тврди СДСМ односно изнесе низа факти со кој се докажува дека државата во голема мера ги помага малите и средните претпријатија.

Тој потоа продолжи и потенцираше дека легитимно право е СДСМ да поднесува амандмани и предлози за зголемување на државната помош за тие претпријатија, меѓутоа како што рече Мускоски, кога се предлага ваков амандман треба да се направи длабока анализа за да се види што ќе се постигне со тој амандан и да се направи паралела со тоа дали Владата навистина помага на овие мали и средни претпријатија, колку изнесува таа помош и дали е доволна.

„Само еден факт и еден аргумент што не треба да го запоставите е следен: Република Македонија, ќе се согласиме сите дека нејзината сила, нејзината моќ, нејзината економија ја прават токму малите и средните претпријатија. Ако е така, значи најдобриот дел од бруто домашниот производ го создаваат токму овие претпријатија. Јас ќе ве прашам едно прашање, зошто Република Македонија во континуитет во изминатите години има позитивна стапка на раст на бруто домашниот производ?“ праша пратеникот Мукоски.

Мукоски својата реплика ја продолжи и се осврна на оспорувањето од страна на СДСМ на даночната политика на Владата.

„Народски кажано, парите што треба државата да ги прибере од малите и средните претпријатија наместо да ги земе кај себе, таа ги остава кај стопанствениците. Никогаш нема да можете да ме убедите дека рамната стапка на данок од 10% наспроти вашите 15%, 18%, 23% е исто“, посочи Мукоски.

Дополнително, тој напомена дека за сите данокот на реинвестирана добивка изнесува 0% со што се дава дополнителен мотив стопанствениците да ги развиваат своите фирми. Доказ за тоа е намалената невработеност од 2006 до сега за цели 12 %, истакна Мукоски.

Исто така, уште еден показател дали функционираат фирмите во нашата држава е извозот кој што го има Република Македонија кој што во континуитет се зголемува.

 „Едно е јасно. Владата на Република Македонија во континуитет се води од пазарните принципи на функционирање на македонската економија. Се води од принципот на заштита на конкурентноста кој за жал во ваше време беше мисловна именка. Преку 47% имавте сива економија во времето кога владеевте. Затоа не можевте да ги приберете парите во Буџетот. И сега вие кажувате дека некој некого форсирал, дека порано работеле рамноправно итн,итн. Не е точно“, заврши пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.