Мумијата која вреска изложена во музеј во Каиро

Египетскиот национален музеј во Каиро оваа седмица ја изложи познатата „мумија која вреска“, а станува збор за синот на еден фараон кој бил обвинет дека подготвувал заговор против својот татко.

Ретко прикажуваната во јавноста, оваа мумија позната под името „Непознатиот Е“, прикажува напнато лице со отворена уста која наведува на помислата дека вреска од болка.

Според египетското министерство за древности, анализата на ДНК на мумијата потврдила дека станува збор за синот на Рамзес Трети, фараонот кој владеел во периодот меѓу 1186 и 1155 година пред нашата ера.

Трагите на оваа мумија покажуваат дека човекот бил обесен и прекриен со овча кожа, којашто древните Египќани ја сметале за нечиста.

Пентавере, синот на фараонот Рамзес Трети, бил осуден на бесење, бидејќи учествувал во заговорот против својот татко. Тој со мајката Тије, втората жена на фараонот, го смислувал заговорот за убиство на Рамзес Трети.

Историјата не дава јасна потврда за тоа дали Рамзес Трети бил убиен, но постојат знаци дека можеби бил прободен во вратот. Околу вратот на Рамзес Трети е принајдена амајлија со око на Хорус, кој ја симболизира утехата и заштитата, се наведува во соопштението на египетското министерство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.