Мун вели дека Северот сака целосна денуклеаризација, САД ветуваат притисок

Северна Кореја изразила подготвеност за „целосна денуклеаризација“ на Корејскиот полуостров и не поставува никакви услови за тоа, изјави во четвртокот јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин, но САД се внимателни и ветуваат дека ќе продолжат да вршат „максимален притисок“ врз Пјонгјанг.

Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин изјави дека не би требало да биде тешко да се склучат договори за денуклеаризацијата, режим на мирот и нормализација на односите меѓу двете Кореи и САД на самитот меѓу Северот и Југот следната седмица и на подоцнежниот самит на севернокорејскиот челник Ким Џон-ун и американскиот претседател Доналд Трамп. Самитот на двете Кореи ќе се одржи на 27-ми април во Демилитаризираната зона.

„Мислам дека денуклеаризацијата нема различни значења за Јужна и за Северна Кореја. Северна Кореја изразува волја за целосна денуклеаризација. Не поставуваат никакви услови коишто САД не можат да ги прифатат, како што е повлекувањето на американските единици од Јужна Кореја. Зборуваат само за крајот на непријателските политики кон Северна Кореја и гаранцијата за безбедноста“, изјавил Мун во текот на работниот ручек со директорите на корејските медиумски компании.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Мајк Помпео се сретнал претходно месецов со Ким Џонг-ун во Северна Кореја и разговарал за подготовките на самитот со Доналд Трамп, кој се очекува кон крајот на мај или почетокот на јуни. Рече дека Ким не бара повлекување на сите американски единци како услов за таа средба, рекол за Reuters еден американски функционер запознаен со таа посета, а кој барал да остане анонимен.

Меѓутоа, додал соговорникот, иако Ким сака да разговара за „денуклеаризацијата“, овој термин не е дефиниран и би можел да биде залажувачки, имајќи предвид дека е потребен одреден временски рок и режим на инспектирања.

САД имаа постојано 28.500 војници во Јужна Кореја, кои останаа од Корејската војна од 1950 до 1953 година кога е склучено само примирје, но не и траен мировен договор.

Мун рекол и дека верува во можноста за склучување формален мировен договор и дури меѓународна помош за Северна Кореја, доколку се откаже од својата нуклеарна програма.

Трамп во средата по средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе на Флорида изјави дека ќе продолжи да врши „максимален притисок“ врз Пјонгјанг додека не се откаже од нуклеарното оружје.

Американскиот постојан претставник за разоружување во седиштето на ОН во Женева, Роберт Вуд, во четвртокот изјави дека Северна Кореја мора да покаже дека „сериозни мисли кога зборува дека ќе се откаже од нуклеарната програма“ и ќе преземе „конкретни чекори“ додавајќи „пред нас има многу работа.

Пред самитот следната седмица, Сеул и Пјонгјанг ќе го завршат во петокот воведувањето директна телефонска линија меѓу челниците на двете земји, изјави портпаролот на Мун.