Мурињо ги расплаче фановите на Ливерпул

Неделниот дерби натпревар од 36. коло во англиската Премиер лига, дуелот помеѓу директните ривали за шампионската титула, Ливерпул и Челзи заврши со сигурен триумф на лондонските „сини” од 2:0.

И дерби пресметката на „Енфилд” е само уште еден доказ дека контроверзниот менаџер, Жозе Мурињо е мајстор кога се во прашање натпреварите кои се дефинирани како да се биде или не.
Иако се одлучи за комбиниран состав, без Азард, Оскар, Ето, Рамиреш, Тери, Чех, Португалецот најде лек за најмоќниот напад во Англија, ги затвори сите приоди кон голот на Шварцер и сосема заслужено се радуваше на големиот успех.

Вината за поразот, фудбалерите и најверните фанови мораат да ја побараат во сопствените редови, во катастрофалната грешка на капитенот Стивен Џерард, после која Демба Ба го постогна првиот погодок на натпреварот.
Во самиот финиш од натпреварот во листата на стрелци се запиша и бразилскиот интернационалец Вилиан.

Претходно, првенствената пресметка помеѓу екипите на Сандерленд и Кардиф заврши со убедлив триумф на домаќинот од 4:0.