Мурињо најави сигурна елиминација на ПСЖ

Тешка, но не и невозможна задача ќе имаат фудбалерите на Челзи, кои имаат обврска да слават со најмалку два гола разлика на реванш 1/4 финалниот натпревар од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Во овој момент, ПСЖ е многу блиску до посакуваниот пласман во полуфиналната рунда од Лигата на шампиони, а се што треба да направат избраниците на Лорен Блан е да ја зачуваат предноста од два гола која ја имаат од првиот натпревар одигран на „Паркот на Принцовите”.

Зацртаната цел ќе беше полесно остварлива доколку предводникот на ПСЖ на располагање ги имаше и услугите на нивниот најдобар фудбалер, Златан Ибрахимовиќ, кој поради заработената повреда, дуелот на „Стемфорд Бриџ” ќе го следи од свечената ложа.

„Јас сум убеден дека ќе го победиме ПСЖ. Во вкупниот скор, Челзи ќе има повеќе постигнати погодоци. Ако не мислам во оваа насока, тогаш зошто би бил дел од реванш дуелот против ПСЖ? Сигурно ќе постигнеме повеќе погодоци од францускиот клуб. Вкупниот скор ќе биде 4:3 или 5:4 за Челзи. Јас верувам, верувам во моите фудбалери, а тоа е најважно”, изјави менаџерот на Челзи, Жозе Мурињо.