Муслиманите ќе ги потиснат евреите како втора најголема религија во САД до 2040-та

(Photo by AFP)

Според проекциите, муслиманите ќе ги потиснат од втората позиција евреите, односно оние коишто активно го практикуваат јудаизмот како своја вера, како втора најголема религиозна заедница во Америка по христијаните, до 2040 година, и се проценува дека нивната популација за повеќе од две децении ќе достигне околу 8 милиони.

Новите процени на Истражувачкиот центар Пју (Pew Research Center) покажуваат дека околу 3,45 милиони муслимани на сите возрасти живееле во САД во 2017 година, и оти сочинуваат околу 1,1 отсто од вкупното население во Соединетите држави.

„До 2040 година, муслиманите ќе ги заменат евреите како втора најголема религиозна група по христијаните. А до 2050 година, американската муслиманска популација ќе достигне 8,1 милиони или 2,1 отсто од вкупното население во земјата, што е речиси двојно повеќе од сегашната нејзина застапеност“, се наведува во резултатите од студијата.

„Нашите проекции сугерираат дека муслиманското население во САД ќе расте многу побрзо од еврејската популација во земјата. До 2040 година муслиманите ќе ги заменат евреите како втора најголема религиозна група по христијаните“, се вели уште во извештајот.

Бројот на муслиманите во САД расне со стапка од околу 100.000 годишно, поради миграцијата на муслиманите во земјата и високите стапки на наталитет кај муслиманските Американци, додаваат истражувачите.

„Од нашата прва процена (во 2007 година) за големината на муслиманското американско население, бројот на американските муслимани брзо расте“, додаваат.

Христијанството сѐ уште е најголемата религија во САД, претставена со речиси сите христијански деноминации, и претставуваат 71 отсто од населението.

Од Pew велат дека пресметувањето на моменталната популација на муслиманите којашто живее во САД не е лесно, делумно и поради тоа што Бирото за попис на населението не поставува прашање за религиозната припадност, што значи дека нема официјален владин податок за бројот на муслиманите или претставниците на другите религии во САД.

Сепак, некои експерти и демографски научници ги оспоруваат бројките на Pew, тврдејќи дека муслиманското население во САД веќе достигнало бројка од 7 милиони, што е двојно повеќе отколку показателот што го наведуваат истражувачите на центарот.

Во одделно истражување коешто го спроведе Pew а беше објавено во јули, беше наведено дека повеќето американски муслимани доживеале длабоко сомневање во нивната вера, откако американскиот претседател Доналд Трамп ланскиот јануари ја презема должноста.

Речиси три четвртини од американските муслимани го сметаат Трамп за непријателски настроен кон нив, а 64 отсто рекле дека доживеале некаков вид на дискриминација по неговиот избор за претседател. Говорот на омраза во коментарите на Трамп и активностите насочени кон муслиманите ја засилуваат исламофобијата, коментира Заинаб Чаудри, портпаролка на Советот за америакнско-исламските односи (CAIR).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.