Мустафа: Србија мора да одговара за монструозните злосторства во Косово

Косовскиот премиер Иса Мустафа на Меѓународниот ден на исчезнатите лица оцени дека Србија треба да одговара за монструозните злосторства кои воените и паравоените формации ги извршиле во Косово во 1999 година, пренесува МИА.

– Србија треба да одговара за исчезнувањето на нашите луѓе, за монструозните злосторства кои нејзините воени и паравоени сили ги извршија во Косово. Тие, кои ги извршија злосторства, треба да излезат пред лицето на правдата, напиша Мустафа на својот фејсбук профил.

Косовскиот премиер напиша и дека минале многу години во исчекување да се дознае судбината на најсаканите.

– Владата на Косово ќе ги искористи сите меѓународни институции да побара откривање на исчезнатите, нивно враќање и спроведување на правдата за криминалците, напиша Мустафа.

Инаку, денеска на Меѓународниот ден на исчезнатите, пред зградата на Парламентот на Косово, на плоштадот Ибрахим Ругова, ќе биде откриен споменик за исчезнатите лица.

Според податоците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Косово за исчезнати се сметаат повеќе од 1600 лица.