Мутавелијата не го знае никој, но сите знаат дека има вахабистичка брада

Овде не оди како што треба. На молитви се почесто доаѓаат луѓе со бради кои се молат поинаку од нас. И се облекуваат поинаку од нас. Kога е молитвата, се клањаат во група, надвор од џамијата, а внатре влегуваат само двапати и кусо се задржуваат. Не остануваат цело време додека ние се молиме на традиционален начин. Знам дека ИВЗ тука нема контрола и реисот е во право кога тоа го кажува. И јас не знам кој е тука мутавелијата, како се вика, но знам дека и тој носи вахабистичка брада. Добива и пари однекаде со кои ги плаќа трошоците, но никој не знае од каде му се тие пари. Треба да има контрола за тоа, ни објаснуваше еден од исламските верници во поодминати години додека вчера нешто пред 13 часот се подготвуваше за редовната молитва во Јахја-пашината џамија. Ни го кажа и неговото име, но сепак рече да не го објавуваме за „секој случај“ иако џамијата ја чувствува како свој дом бидејќи живее во близина, а во неа доаѓа со децении, пишува Дневник.

Пари од непознати извори

И другите исламски верници кои ритуално се миеја со вода пред задолжителниот муслимански обред ни го кажаа истото – дека во оваа џамија стара повеќе од пет века и која е еден од препознатливите обележја на градот работите не се исти како порано. На обредот се собраа околу стотина верници, а во храмот претходно слободно влегуваа странски туристи кои сакаа да го разгледаат. На три млади туристки од Франција им беше дозволено да влезат во џамија во куси панталони, но мораа да се покријат со марамите кои им биле дадени на влезот. Сепак, дека постојат проблеми завчера и јавно призна поглаварот на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи соопштувајќи дека „немаат контрола“ врз оваа и блиската Тутунсуз-џамија. Имамите и нивните помошници се наши луѓе, потенцирал реисот, „но првиот човек не е наш, туку наметнат“.

– И јас не знам како изгледа претседателот на џамискиот одбор и како е избран нашиот мутавелија. Знам само дека е од тие вахабисти што носат бради и што се молат поинаку од нас, ни рече еден друг повозрасен верник.

И тој спомна дека не знае на кој начин мутавелијата обезбедува пари за потребите на џамијата. Мутавелијата, инаку, е претседател на џамискиот одбор кој се грижи за техничките работи околу функционирањето на џамиите и се избира од редот на верниците.

– Знам само дека на имамот ИВЗ со години му немаше исплаќано плати и придонеси за пензија. Но, мутавелијата тоа го среди. Му исплати плати и го намирил долгот за пензијата. А зошто ИВЗ тоа не го среди претходно, туку дозволи да се случи. Недостојно е имамот кој е високообразован да не може да добие плата, вели овој верник.

Со молитвите во џамијата раководел имам кој веќе остварил право на пензија, но и натаму е активен. Освен него, имало уште двајца други имами кои работеле заедно со него. Сите се ангажирани со дозволата на ИВЗ и имаат обврска да го проповедаат ханефискиот ислам, кој традиционално се практикува на нашите простори.

Влијание од Тутунсуз-џамијата

– Овие со брада почнаа да доаѓаат тука откако им стана тесно во Тутунсуз-џамијата. Промените почнаа по 2001 година, по конфликтот што се случи. Сега не само што доаѓаат такви луѓе од Скопје туку и од Гостивар, Kуманово и од други градови. Реисот е во право кога вели дека тука нема контрола. Треба да се знае што се случува. Kаков управител ќе бидете вие ако не знаете што ви се случува во фирмата и каде одат парите – ни вели постариот верник.

Блиската Тутунсуз-џамијата стана позната минатата година кога и скопскиот муфтија Ибрахим Шабани изјави за „Дневник“ дека и таму со години немаат контрола бидејќи во неа проповеди држел имам Реџеп Мемиши, кој, меѓутоа, го нема благословот на ИВЗ. За Мемиши, претходно, косовскиот весник „Експрес“ објави дека во своите проповеди го славел џихадот и шехидите – оние што ги жртвуваат своите животи за исламската вера.

Другите верници кои се подготвуваа да влезат во џамијата ни рекоа и тоа дека му забележуваат на реисот зошто толку долго време толерирал ваква состојба.

– Сега реисот како да се подготвува за нови избори за поглавар, па му треба да го сврти вниманието врз себе – ни рекоа тие.

Претепaно момче оти прашало зошто се молат поинаку

Луѓето кои дојдоа на редовната молитва ни раскажаа и за инцидентот што се случил минатата година во кругот на џамијата, во текот на молитвата.

Едно младо момче им пријде на тие верници што се молеа одделно и еден од нас ги праша зошто прават така. Односно, им рече дека молитвата треба да ја прават на ист начин како и ние. Тие почнаа да се расправаат со него и во еден момент му се нафрлија да го тепаат – ни рекоа тие.