Музеј за карпеста уметност на Македонија во Старо Нагоричане

По повод 100 години од откривањето на првиот артефакт на карпестата уметност во Македонија, денеска во  општина Старо Нагоричане ќе биде пуштен во употреба Музеј за карпеста уметност на Македонија кој ќе се вика Етјен Пат, по основоположникот на карпестата уметност во Македонија.

Тој во 1916 открил голем број траги од праисториска гравирана карпеста уметност и отворил нови културни перспективи во Македонија, пренесува МИА.

Неговите истражувања се објавени во 1917 и 1935 година, во книга што содржи значајни артефакти, од кои некои се однесени во Франција и денес се чуваат во музејот Поатје во Универзитетскиот центар на градот Поатје. Истражувал на многу места, особено во Србија, Македонија, Романија и во Индокина.

Постојаната изложба за карпестата уметност ќе биде изработена и поставена за време на јубилејната 2016 година – 100 години од откривањето на првиот артефакт на карпестата уметност во Македонија.

Центарот за карпеста уметност на Македонија денеска во Скопје ќе одржи и свечена промоција во пресрет на 100-те години од откривањето на првиот артефакт на карпестата уметност во Македонија кои ќе бидат одбележани во 2016.

Промоцијата ќе ја води директорот на Центарот за карпеста уметност на Македонија Душко Алексовски, кој е почесен претседател на Светската академија за карпеста уметност и прв универзитетски професор во Македонија и на Балканот по предметот палеолингвистика. 
На промоцијата е навено присуство на  Женевјев Пат, ќерка на проф. д-р Етјен Пат, која е претседателка на Француската асоцијација љубители на литературата за деца. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.