Музејот на Хемингвеј ја преживеа Ирма, сите мачки се на број

Ураганот Ирма ја опустоши американската сојузна држава Флорида, но куќата на славниот писател Ернест Хемингвеј на Ки Вест минала негибната, а и потомците на од него обожуваните полидактилни мачки сите се на број.

И додека Ки Вест и натаму е без електрична енергија, куќата на Хемингвеј, којашто воедно е и музеј и е сместена на едно ритче, воопшто не е оштетена, изјави за локалните медиуми кустосот Дејв Гонзалес.

„Добро се подготвивме и имавме среќа“, изјавил Гонзалес. Сите 54 мачки кои живеат на имотот, потомци на полидактилниот мачор Снешко кој славниот писател го вдомил во 1930 година, се на број, додал кустосот.

Полидактилните мачки се оние кои имат вишок прсти на предните и на задните шепи. Музејот во целиот нареден период досега внимава да се одржи крвната линија на првите мачки на Хемингвеј.

Куќата на Хемингвеј и имотот околу неа се на листата на американските национални споменици и за нивното одржување се грижат 11 луѓе.

Оваа куќа, изградена во 1851 година во шпански неоколонијален стил, Хемингвеј ја купил во 1928 година и веднаш потоа ја реновирал. Таа, меѓу другото, е и првата која имала базен во овој град. Два од своите романи, „Да се има и да се нема“ и „Снеговите на Киломанџаро“, ги напишал во оваа куќа.

Персоналот на музејот воопшто не ја разгледувал можноста за евакуација, бидејќи тоа би значело напуштање на мачките. „А тие и така мислат дека се погрижиле за нас“, додал Гонзалес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.