Музејот на македонската борба отворен за посетители секој ден

Музејот на македонската борба се отвора за посетителите секој ден вклучувајќи ги и понеделниците, освен првиот понеделник во месецот.

Со новото работно време, кое почнува овој понеделник музејот им излегува во пресрет на бројните туристи од земјата и странство чиј интерес е особено голем во периодот од мај до октомври.

Музејот ќе биде отворен секој ден од 10.00 до 18.00 часот освен првиот понеделник во месецот кој ќе се користи за сервисни активности. Дополнителната понуда за посетителите се збогатува со можноста со секоја купена влезница за посета на Музејот да може да се посети терасата-видиковец во Порта Македонија, почнувајќи од 30. март.

Во рамки на своите редовни активности, музејот во првата недела од април ќе ја реализира завршната изложба од проектот Музејот – пријател на децата. Овој проект кој почна со реализација во септември 2014. опфати двесте ученици од повеќе училишта од Македонија, а на завршниот дел ќе бидат доделени награди и признанија за учесниците.

Музејот на македонската борба ја организира изложбата Македонските национални носии на разгледниците 1890-1950 г. – македонскиот фолклор и идентитетот во Загреб, Хрватска. Изложбата ќе биде поставена во галеријата Етно-арт, а отворањето е закажано за 16. април. Во рамки на изложбените активности во мај се планирани две изложби во Музејот на македонската борба – по повод 70 години од Црвениот крст на Македонија и по повод Денот на сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј. Музејот на македонската борба е македонски кандидат за наградата „Жива“ во организација на Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана. Наградата се доделува на најдобриот музеј во словенските земји, а годинава се очекува учество на институции од 14 земји. Официјалните кандидатури ќе бидат објавени во Санкт Петерсбург, Русија во средината на мај.