Музејот на вода во Градиште доби признание за успешност

Kапиталната инвестиција на Владата и на Министерството за култура, Музејот на вода во Градиште, е добитник на највисокиот сертификат за успешност што го доделува светски познатиот веб-портал „Трипадвајзор“ (Tripadvisor), еден од најголемите и најпосетувани туристички веб-портали, воедено и организација која ги обединува најпознатите светски туристички брендови.

„Трипадвајзор“ (Tripadvisor) е најголемата туристичка заедница во светот, а доказ за нејзината успешност се повеќе од 32 милиона активни членови и повеќе од 100 милиони прегледи, мислења и критики поврзани со посетата на културно-историските споменици, хотели, ресторани и други атракции низ светот.

Оваа година Музејот на вода во Охрид, кој е под надлежност на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, ја доби потврдата за успешност што се издава врз основа на позитивните мислења од туристите кои, всушност, се најрелевантен показател за оправданоста на вложувањето во вакви туристички атракции збогатени со културно-историски содржини од нашето минато.

Музејот на вода, кој е единствен од ваков вид на Балканот, претставува реконструкција на живеалиште од железното и бронзеното време. Комплексот содржи комплетно уредени 24 праисториски куќички, две обновени плажи, театарски простор со сцена за изведба на камерни претстави, 11 нови бунгалови на парковно уредените простори и пристаниште.

Фактите говорат дека во текот на изминатите шест години реконструираната наколна населба на Музејот на вода стана возбудлива културна и туристичка дестинација посетувана од илјадници домашни и странски туристи.  Од отворањето во 2008 година, Музејот на вода во Охрид го посетиле повеќе од 200.000 посетители од многу земји во светот, бројка која јасно ги покажува одржливоста и економската и туристичка оправданост на овој импозантен проект со кој Охрид и Република Македонија ја збогатија својата културна понуда.