Македонија

МВР: Акцијата во Куманово оправдана и правилна

МВР: Акцијата во Куманово оправдана и правилна

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР по изврешните проверки утврдил дека акцијата на полицијата во кумановската Дива Населба била извршена според утврден план, дека преземените дејства се основани, оправдани и правилни, како и дека приведувањето на лицата во акцијата било согласно законските норми. Во случајот со бегството на еден од приведените Секторот констатирал непрофесионалност кај полициските службеници кои го чувале и најавено е покренување дисциплински постапки.

Во врска со спроведената полициска акција на 9 и 10 мај во кумановската Дива населба, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР согласно законските надлежности извршил целосен увид и проверка по однос на основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на огнено оружје и употребата на средство за прислиба, како и по однос на задржување лица во Полициска станица, вклучувајќи го и случајот на бегство на едно од лицата лишени од слобода.

– Притоа констатирано е дека акцијата е спроведена  согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Утврдено е дека на 9 мај околу 4:30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 5:10 часот, при приоѓање на објектите во “Дива населба“ во Куманово имало непосреден напад-дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници. Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, а со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови на оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата, се вели во денешното соопштение од МВР.

Во него се додава дека по извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група се до нивно конечно неутрализирање на 10  мај 2015 година.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарци  врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција, се посдочува во соопштението.

Секторот оценил дека постапувањето на полициските службеници од посебните единици била нужна и неопходна употребата на средствата за присилба-огнено оружје, како единствена законска мерка кон криминално-терористичката група, кога сите други законски основи биле исцрпени, со цел да се одбие директниот напад врз нив од огнострелно оружје употребено од криминално-терористичката групација, а согласно член 89 од Законот за Полиција.

– Исто така, при употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел т.е. одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата, се вели во соопштението.

По однос на увидот во постапките за задржени лица во три полициски станици при СВР Скопје, констатирано е дека целокупната постапка на лишување од слобода и задржување на лицата поради постоење основано сомнение за сторен кривично дело по член 313 од КЗ на РМ, е спроведена согласно законските норми, односно согласно Законот за кривична постапка и согласно Законот за полиција.

– Лицата кои биле лишени од слобода и задржани во полициска станица веднаш биле известени за причините за лишување од слобода, како и за делото за кое се товарат, за правото на молчење, правото на информирање на семејството или друго лице, правото на бранител и правото на лекарски преглед. Исто така од страна на полициските службеници запазен е и законскиот рок на времетраењето на задржување на лицата и ниту едно од лицата нема наведено никаква забелешка во однос на постапувањето на полициските службеници за време на задржувањето во полициска станица, се подвлекува во соопштението.

Секторот извршил и проверка и на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што било констатирано дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело „тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од лице место.

– Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во чл. 208 став 3 и 10 од Колективниот договор на МВР на РМ за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија, се вели во соопштението во врска со наодите поврзани со акцијата на полицијата во Куманово.