МВР е подготвено за претседателските избори

„ Ние сме подготвени да направиме се што е во наша моќ граѓаните повторно да можат во мирна, фер и демократска атмосфера да гласаат за опцијата која сметаат дека е најдобра“ истакна денеска Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, нагласувајќи дека Министерството  веќе ги започна подготовките за претседателските избори закажани за 13 април.

Јанкуловска појасни дека првата обврска согласно законот веќе е  извршена, односно според член 43 од Изборниот законик до Државната изборна комисија во криптирана форма се доставени  податоците кои од нив  ги побарале за ажурирање на Избирачкиот список.

Со одлука на Министерот за внатрешни работи, формиран е Оперативен штаб кој треба да ги испланира и реализира сите активности во рамки на републичката акција Избори 2014.

„Активностите повторно ќе бидат поделени во три главни фази: и тоа предизборен период, вклучувајќи ја и кампањата, денот на гласање и периодот по затварањето на гласачките места. Во текот на наредниот период ќе се формираат и регионални штабови кои ќе имаат задача на терен, одблиску да ги следат случувањата во предизборниот период, да разменуваат информации со републичкиот штаб и да преземаат соодветни мерки“,нагласи министерката која додаде дека во целост е подготвен и Одделот за обезбедување кој има обврска на сите кандидати за претседател на државата, чија кандидатура ќе биде официјализирана од Државната изборна комисија, да им понуди соодветна заштита во текот на предизборната кампања.

Министерката истакна дека е предвидена и  дополнителна едукација на полициските службеници и во моментов се  утврдува агендата и планот за нивна обука која ќе треба да се  реализира Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и Центарот за обука во Идризово.

„Во врска со одржувањето на „Претседателските избори 2014“, а со цел законито и професионално постапување и  превземање на мерки и дејствија од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи, Секторот за внатрешна контрола како контролен механизам на работата на полицијата ќе превземе и други активности со цел непречено одвивање на изборниот процес. Ќе се одржат работни состаноци со раководителите на организациските единици во Министерството на кои ќе се укаже на одговорноста и регулативата вклучувајќи ги Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите и останатите законски и подзаконски акти“, рече Министерката.

Меѓу другото, Јанкуловска истакна дека посебно  внимание ќе се обрне на доследно почитување на членот 128 од Законот за внатрешни работи, кој укажува надвор од работното време полициските службеници да не се ставаат во функција на политичките партии заради вршење на предизборни и изборни нерегуларности, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и угледот на Министерството, да се воздржуваат од било какви провокации на активисти на политичките партии. Таа додаде секое однесување спротивно на законот ќе биде најстрого санкционирано.

„За секое примено известување за незаконско и непрофесионално постапување на полициските службеници припадниците на Секторот веднаш ќе излезат на лице место со цел констатирање на фактичката состојба и превземање на соодветни мерки“, дополни Министерката, која посочи дека дадена  насока за зголемена динамика во работењето и на Управните служби кои согласно досегашната практика ќе издаваат биометриски лични документи и на денот на изборите.

Таа истакна дека МВР очекува добра и искрена соработка со политичките партии и останатите институции задолжени за непречено одвивање на изборниот процес, пред се во интерес на граѓаните и нивното демократско право да гласаат по сопствено убедување.